Главна секција Јанева очекува согласност од Аневски за да го преземе случајот „Маѓар Телеком“

Јанева очекува согласност од Аневски за да го преземе случајот „Маѓар Телеком“

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева на денешната прес-конференција соопшти дека во текот на оваа недела ќе го преземе и случајот „Маѓар Телеком“, во кој поранешни високи државни функционери се осомничени дека примиле поткуп за да не дозволат влез на трет мобилен оператор во земјава пред десетина години.

„Маѓар Телеком“ еден од предметите кои Јавното обвинителство одби да му ги предаде на СЈО и топката за ова прашање ја префрли на Советот на јавни обвинители, односно побара од Советот да одлучи дали Јанева е надлежна за овој случај.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, најави дека на посебна седница ќе се одлучи дали предметот ќе му биде отстапен на СЈО.

Одговарајќи на новинарско прашање, обивнителката Ленче Ристовска рече дека СЈО очекува Советот да и го предаде овој предмет во надлежност.

– Ние веруваме во независноста на институциите и веруваме дека ќе се надминат недоразбирањата. Очекуваме Советот да ни го даде предметот, согласно законот – рече Ристовска.

Покрај „Маѓар Телеком“, Јанева најави дека оваа недела СЈО ќе ги преземе и предметите против поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, за случајот за незаконско поседување на оружје и против неговиот син Горан Верушевски, за поседување на детска порнографија.

Овие два случаи исто така се дел од предметите кои Јавното обвинителство не му ги дава на СЈО и побара од Советот на јавни обвинители да се изјасни по ова прашање.