Култура Изложба на Јован Миронски во Музеј на град Скопје

Изложба на Јован Миронски во Музеј на град Скопје

Во Музеј на град Скопје во тек е ретроспективна изложба на избрани дела од ликовното творештво на Јован Миронски, кој се смета за еден од првенците на модерната уметност во Македонија, како и за извонреден портретист.

На оваа прва самостојна изложба се поставени бројни дела работени во различни техники и периоди, но главниот интерес е насочен на делата настанати во втората половина на педесеттите, шеесетите и една помала серија на цртежи и акварели од средината на седумдесетите години од минатиот век.

„Миронски и генерацијата ликовни уметници, кои паралелно почнуваат да работат со него, биле насочувани кон модернистичките ликовни модели кои тие подоцна ги разработиле, некои од нив и ги радикализирале и во низата години што следувале, темелно го промениле ликовниот профил на средината. За сето ова да биде можно, морало да биде присутен еден основен елемент – нивната отвореност и подготвеност за прифаќање на модернизмот и на модерноста на општеството“, оценува кустосот Лазо Плавевски во каталогот на Музеј на град Скопје.

Јован Миронски завршил Виша педагошка школа во Скопје, во класата на професорот Вангел Коџоман, а дипломирал на Архитектонскиот факултет во Љубљана во 1963 година.

Како архитект, реализирал голем број проекти во Скопје, а во текот на целиот живот активно се занимавал со ликовно творештво во повеќе ликовни техники.