Свет Европа Иванов се сретна со Ердоган во Истанбул

Иванов се сретна со Ердоган во Истанбул

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска престојува во работна посета на Република Турција и во Истанбул се сретна со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од високото ниво на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, од високиот степен на политички дијалог и доверба и од отсуството на отворени прашања.

Заеднички беа констатирани традиционално пријателските односи меѓу двете земји и беше изразена подготвеност за понатамошно унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка. Брзиот и динамичен пораст на турската економија отвора сериозни инвестициски можности во Република Македонија, што е во интерес на двете земји, беше посочено на средбата.
Во разговорите, претседателите разменија мислења и информации за повеќе прашања: актуелните политички состојби, надворешно-политичките цели и приоритети на двете земји и состојбите со мигрантската криза.

Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Турција во пресрет на претстојниот самит на НАТО во Варшава ќе продолжи со силната и отворена поддршка за членство на Република Македонија во Алијансата.

– Доколку Алијансата не успее да изгради консензус за преиспитување на заклучоците од Букурешт и покрај пресудата од Хаг, и не ја поправи грешката и неправдата од Букурешт, тогаш очекуваме да биде креативна и да смисли начин како да ја помести оваа статус кво состојба, која не е во прилог ниту на Република Македонија, ниту на регионот, ниту на Алијансата – истакна претседателот Иванов.

Двајцата претседатели разменија информации за најновите случувања околу бегалската криза, како најголем предизвик со кој се соочуваат регионот, Европската унија и Европа во моментов. Македонскиот претседател го информираше претседателот Ердоган за мерките и за активностите што ги спроведува и ги презема Република Македонија за справување со кризата, како и за потребите од поголема техничка и финансиска помош.

Претседателот Иванов посочи дека е неопходна засилена соработка меѓу државите во регионот во контекст на постојано информирање и превенција од заканите и од ризиците од илегалната миграција. Во тој контекст, двајцата претседатели истакнаа дека сите држави се засегнати од бегалската криза и мора да ја споделат одговорноста и да ги почитуваат заедничките политики за справување со кризата, истовремено штитејќи ја својата националната безбедност.

Повод за посетата на претседателот Иванов на Истанбул е присуството на погребната церемонија на Ибрахим Џевахир, турски бизнисмен и сопственик на компанијата „Џевахир холдинг“, голем пријател на Република Македонија и инвеститор во нашата земја.