Македонија Иванов oчекува едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните

Иванов oчекува едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните

Претседателот Ѓорге Иванов изрази задоволство од спроведените предвремени парламентарни избори и верува дека овие избори ќе придонесат за крај на политичката криза и ќе претставуваат почеток на национално помирување во Македонија.

– Сакам да им честитам на партиите што освоија најголем број гласови на овие избори – на победниците, и да им честитам на сите партии што беа вклучени во изборниот процес. Очекувам сите кои се натпреваруваа во изборната трка да ги поздрават изборните резултати. Во демократска атмосфера, едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните. Не смееме да дозволиме да не се почитува волјата на граѓаните и да се создаваат услови за нови кризи – рече Иванов.

Претседателот истакна дека по конституирањето на Собранието, ќе го додели мандатот за формирање на Влада на партијата што има мнозинство во Собранието.

– Очекувам, како што Република Македонија уште еднаш покажа исполнителност, Европската Унија да покаже доследност и принципиелност кон нас. Ја повикувам Европската Унија да најде начин и да овозможи напредок на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат – додаде Иванов.