Македонија Иванов на Велигден повика да се почитуваме и да ја чуваме Македонија

Иванов на Велигден повика да се почитуваме и да ја чуваме Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов денеска им го честиташе Велигден на сите христијани и им порача да ја зачуваат традицијата и Македонија.

„Сакам на сите христијани да им го честитам овој голем ден – Велигден, ден кога симболично животот ја победи смртта. Затоа, да се радуваме на животот, на сите добрини и убавини што тој ни ги носи – изјави Иванов, кој присуствуваше на литургијата по повод Велигден во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.

Тој истакна дека во годината кога се одбележуваат пет децении од возобновувањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија треба да се потсетуваме на сите наши обичаи и традиции кои ни овозможиле да опстојуваме низ вековите.

– Посакувам во овие празнични денови да се потсетуваме на сето она што е во наше наследство, да го сакаме, почитуваме и да му се радуваме на животот, да го сакаме и почитуваме сè она што го имаме, да ја сакаме, почитуваме и чуваме Република Македонија – рече Иванов.