Македонија Иванов ги информирал Пахор и Грабар Китаровиќ за мотивите за денешната одлука

Иванов ги информирал Пахор и Грабар Китаровиќ за мотивите за денешната одлука

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ги прими претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар Китаровиќ, со кои разговарал за актуелните случувања во регионот и во Европа, за мигрантската криза, како и за македонските европски и евроатлански интеграции и предизвиците со кои се соочува земјата на внатрешен план.

Иванов, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, ги информирал за состојбата на македонско – грчката граница и за инцидентот од 10 април, и истакна дека македонските безбедносни сили постапиле брзо, професионално и соодветно на ситуацијата.

Претседателите Пахор и Китаровиќ го осудиле инцидентот и се согласиле дека мора да се спречат и да престанат обидите за илегална и насилна миграција. За таа цел, Иванов апелирал ЕУ да и помогне на Грција со цел да се затвори импровизираниот камп кај Идомени.

Иванов се заблагодарил за поддршката од Словенија и Хрватска и истакнал дека Македонија и натаму има потреба од логистичка и техничка помош за справување со кризата.

Од кабинетот соопштуваат дека на средбата биле разменети мислења и околу зголемените безбедносни ризици од мигрантската криза, при што тројцата претседатели се согласувале дека е потребна засилена соработката меѓу земјите долж Балканскиот коридор на безбедносен план, и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.

Претседателите исто така разговарале и за политичката криза во земјава и потребата за нејзино што поскоро надминување.

Иванов ги информирал соговорниците за денешната одлука, мотивите за истата и целите кои верува дека ќе ги постигне.

Посетата на претседателите на Хрватска и Словенија е во согласност со еден од заклучоците од Брдо Бриони Процесот, според кој е потребна што пoбрза реализација на македонските интеграции во ЕУ и НАТО, и надминување на внатрешните предизвици, кои во голема мера се генерираат и се предизвикани од предолгата статус – кво состојба во евроинтеграциите на Република Македонија.