Главна секција Иванов: Да ги надминеме поделбите и да се сплотиме околу државните интереси

Иванов: Да ги надминеме поделбите и да се сплотиме околу државните интереси

Се надевам дека во годината што доаѓа ќе смогнеме сила да ги надминеме поделбите, да ги отфрлиме предрасудите и да се сплотиме околу државните интереси, истакна претседателот на државата Ѓорге Иванов во своето новогодишно обраќање до граѓаните на Македонија.

Тој оцени дека изминатава година бевме соочени со многу предизвици и премрежија, а политичката атмосфера „непријатно се одрази на целото општество и на секој од нас посебно“.

– Искрено се надевам дека во годината што доаѓа ќе се посветиме на убавите и позитивни нешта. Се надевам дека ќе смогнеме сила за да ги надминеме поделбите, да ги отфрлиме предрасудите, да се сплотиме околу државните интереси и да зачекориме на вистинскиот пат. Пат што води до поквалитетен живот, просперитет, благосостојба за сите наши граѓани. Да живееме во праведно општество втемелено врз вистината, слободата и мирот. Затоа, ви посакувам новата година да ја започнеме со позитивни мисли, и силна верба и надеж дека можеме да ги исполниме нашите искрени желби. Во новата година, посакувам повеќе да ја сакаме нашата заедничка татковина Република Македонија, и секој од нас да даде личен придонес за едно поубаво општество за нашите деца, родители, роднини, соседи и пријатели – порача Иванов.