Македонија Италијанците реставрираат верски објекти за зајакнување на меѓуетничките односи во Македонија

Италијанците реставрираат верски објекти за зајакнување на меѓуетничките односи во Македонија

Црква среде муслиманска населба и џамија среде населба со Македонци, вакви два објекта во моментов се реставрираат во нашата земја со поддршка на Италијанската организација за маѓународна соработка „Југ-југ“, во рамките на проектот „Обновувајќи го нашето минато, ја градиме нашата иднина“. Оваа недела битолскиот Завод и музеј е домаќин на гостите од Италија, кои во Македонија и досега работеле на неколку мултикултурни проекти.

– Преку овој проект одлучивме да реставрираме една џамија во област каде мнозинството население се Македонци и црква во место населено претежно со Албанци. Спроведуваме и обуки каде се вклучени и Албанци, како муслимани и Македонци, како христијани. Ја гледаме оваа земја како граѓанско општество, каде граѓаните имаат основни права кои треба да се реализираат и на повисоко ниво. Во нашата работа ги вклучуваме и останатите етнички групи, освен Македонците – вели Џузепе Камарати, менаџер на проектот.

Италијанците најавуват дека во следниот проект ќе се фокусираат на Хереклеа Линкестис. Во античкиот локалитет ќе се работи на конзервација на ѕидините и на мозаиците, вели Гвидо Мели, архитект од Сицилија.
– Положбата на Хераклеа многу наликува на онаа на Вила Касале. Во Хераклеја има многу интересни работи, имаме слична клима, а и објектот е на отворено – вели италијанскиот архитект.
Македонија во делот на конзервација, реставрација и на заштита на споменици на културата, најчесто ги користи европските искуства. Од Управата за заштита на културното наследство велат дека во нашата земја недостигаат конзерватори, а за надминување на проблемот веќе е покренат проект за зголемување на бројот на лица со конзерваторски лиценци.

А.Б.