Свет ИД погуби 300 поранешни припадници на ирачката полиција

ИД погуби 300 поранешни припадници на ирачката полиција

Организацијата „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) денеска објави дека пред три недели борците на Исламска држава веројатно убиле повеќе од 300 поранешни припадници на ирачката полиција и ги закопале во масовна гробница во близина на местото Хамам ел Алил, јужно од Мосул.

Жителите на местото наведуваат дека милитантите неколку недели пред повлекувањето убиле 200 лица, пренесуваат светските агенции.

Поранешните полицајци, како што наведува ХРВ, се издвоени од група од околу 2.000 лица собрани од околните села и градови. Тие биле принудени да тргнат со милитантите за време на нивното повлекување кон Мосул и Тал Афар.

ХРВ цитира еден работник кој тврди дека видел борци на ИД како во четири големи камиони возат од 100 до 125 лица, од кои некои ги препознал како поранешни полицајци.

Тоа се случувало во близина на местото каде подоцна е направена масовна гробница.

Работникот навел дека неколку минути подоцна слушнал истрели од автоматско оружје и крици.

Следната ноќ, истото им се случило на уште 120 до 140 лица, изјавил работникот за ХРВ.