Ctrl - Z Хрватскиот бенд Немечек добитник на наградата „Милан Младеновиќ“

Хрватскиот бенд Немечек добитник на наградата „Милан Младеновиќ“

Во финалето беше номинирана и песната „Арома(н)тична“ на македонскиот проект Мојра, а награда за најинспиративен тапанар во регионот ја доби Виктор Стојановски од македонскиот бенд Луфтанза

Групата „Немечек“ | Фото: Габриела Башиќ

Со нивната песна „Мирила“, хрватскиот бенд Немечек стана шестиот лауреат на наградата „Милан Младеновиќ“ за најдобра песна во регионот.

Наградата беше доделена од Фондацијата „Милан Младеновиќ“ на 21 септември. Таа секоја година симоболично се доделува на роденденот на Младеновиќ, легендарниот српски рок-музичар, најпознат како пејачот на Екатерина Велика. Наградата за првпат оваа година беше доделена надвор од Белград. Доделувањето, придружено со дводневен музички фестивал, се одржа во хрватскиот град Макарска, во кој Младеновиќ поминал многу лета како дете.

„Ова е првпат некој да нè препознае на ваков начин“, збунето и емотивно рекол Ведран Живковиќ, вокалистот на Немечек, при врачувањето на наградата.

Победничкиот состав Немечек е трио составено од тамбура, синтисајзери и тапани. Самата комбинација на инструменти укажува многу за нивниот звук – тој има примеси на народна музика, но е исполнет со модерни електронски пејзажи и поткрепен со метрономски прецизни и хипнотизирачки тапани). Песната „Мирила“ се наоѓа на нивниот трет албум насловен „Проклетије II“.

Во најтесниот круг на изведувачи беше номиниран и македонскиот проект „Мојра“ за нивната песна „Арома(н)тична“, чиј звук во себе содржи елементи на филмска музика измешана со староградски примеси, сето потковано со џез хармонија. Таа беше придружена со еднакво впечатлив спот – рачно изработена анимација во „stop motion“ или „кадар по кадар“ стил, за кој може повеќе да прочитате во нашето обемно интервју со Дарко Јованов и Јасна Трпкова од Мојра.

Наградата за најинспиративен тапанар ја доби Виктор Стојановски од македонскиот бенд Луфтанза, на кој му беше доделен добош од „Firchie Drums“. Добитникот на наградата секоја година ја одбира Иван Феце – Фирчи, основачот на „Firchie Drums“ и еден од тапанарите на Екатерина Велика. Луфтанза влегоа во полуфиналето на песни номинирани за наградата со нивната пост-панк песна „Кула“, претставник на новиот македонски бран и музичкиот колектив „Гола планина“.

Во конкуренција со Мојра и Немечек во „суперфиналето“ беа песните „Десна страна књиге“ од хрватската пејачка Лени, „Никад нико“ од српските Шкофја Лока ВИС и „После једног пролеќа“ од српската пејачка Тамара Мило. Мило воедно беше добитник на наградата за најинспиративен вокал, како и наградата за најдобар текст, награда која првпат се доделува оваа година.

Инаку, Мојра и Луфтанза не беа единствените македонски артисти кои оваа година беа номинирани за наградата „Милан Младеновиќ“. Во полуфиналето влегоа и Fiction, за нивната песна „Допир“, и Дупер, за нивната песна „Тие места“. Во 2022 година, пак, македонската пејачка Дина Јашари ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ со нејзината песна „Дома“.

Имено, кога беа најавени петте „суперфиналисти“, двајца членови на петчленото жири за наградата го истакнаа квалитетот на македонската музичка сцена.

„Никогаш немало проблем со талентирани изведувачи и автори во регионот. Проблемот е во медиумската поддршка за овие луѓе, од земја до земја – во медиумското претставување на уметници од една земја во друга. Она што навистина ме изненади е тоа што моментално најмногу добри бендови доаѓаат од Македонија. Она што го слушнав меѓу пријавените на конкурсот буквално ме натера да преслушам цели албуми. Не сум само пријатно изненаден – од некои од артистите сум и воодушевен“, вели Никола Врањковиќ, член на жирито.

(ИНТЕРВЈУ): Патот на рачно анимираниот спот на „Арома(н)тична“ на музичкиот проект Мојра