Македонија Хелсиншки комитет: Омразата се случува од незнаење

Хелсиншки комитет: Омразата се случува од незнаење

Македонија и Франција ја продолжуваат соработката за размена на искуства и на знаења на тема говор и дела на омраза во двете држави од правен, но и од социолошки аспект. По тој повод, денеска Хелсишки комитет за човекови права и Институтот за човекови права и мир од Каен, Долна Нормандија, разменија искуства од летната школа за млади, одржана во август минатата година во Скопје.

– Во Франција делата произлезени од говор на омраза се поретки и повеќе е застапен говор на омраза, а во Македонија се почести делата од омраза. Делата од омраза се секаде исти и причините се секаде исти, а тоа е нетолеранцијата спрема различностите – вели Сара Барние од Инстутот за човекови права и мир од Каен.

Леа Огњановска, една од учесничките на летната школа за млади, вели дека во Македонија живеат повеќе етнички заедници, меѓутоа тие не живеат заедно, туку живеат одвоено, а делата од омраза се прават поради незнањето.
– Живееме во иста држава, меѓутоа не споделуваме заеднички работи. Злосторствата од омраза се случуваат токму поради тоа што не знаеме многу работи едни за други и таквото незнаење нè плаши. Тоа создава едно чувство на сегрегираност кај нас и желба да се заштитиме од противникот, меѓутоа ние воопшто не сме противници. Ние сите заедно сме пријатели и граѓани на оваа држава и на крајот на денот треба да научиме дека е многу полесно и да се сака некој отколку да се мрази – вели Огњановска.

Институтот за човекови права и мир од Каен и македонската Фондација „Метаморфозис“ имаат изработено прирачник за работа со млади, наречен „Слобода на изразување и приватност во дигиталната ера“, во рамки на програмата за децентрализирана соработка меѓу Македонија и регионот Долна Нормандија.
Прирачникот е изработен на македонски и на француски јазик и е достапен во училиштата како прирачник за заштита од говор на омраза на интернет и заштита на приватноста.