Македонија Хелсиншки комитет: Кој и зошто донесе одлука да се затвори седницата на...

Хелсиншки комитет: Кој и зошто донесе одлука да се затвори седницата на Уставниот суд?

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повика претседателката на Уставниот суд, Елена Гошева, да даде образложение поради која причина и на кој начин е донесена одлуката за исклучување на јавноста за време на утрешната седница.

„Сметаме дека Уставниот суд не смее да ја продолжи тенденцијата на нетранспарентност на институциите и да дозволи поинакво дефинирање на јавното следење и информирање за неговата работа. Потсетуваме дека претседателката на Уставниот суд во јуни 2014 донесе усна одлука со која на медиумите им забрани аудио-визуелно снимање на седниците на Уставниот суд. Со денешната одлука, Уставниот суд целосно се затвора за јавноста, што е спротивно на принципите на демократијата и на владеењето на правото“, реагираат од Хелсиншки комитет.

Од Комитетот укажуваат дека контрапротестите за одбрана на Уставниот суд, кои треба да се одржат денеска, се недозволиви, затоа што тоа е спречување или попречување на јавен собир, а според Кривичниот законик тоа е кривично дело и се казнува со парична казна или затвор до една година.

„Ги повикуваме сите граѓани што се повикани или своеволно упатени на контрапротест, да се воздржат од ваквата активност и своето незадоволство да го искажат на друга локација од онаа пријавена за одржување на денешниот и на утрешниот јавен собир“, пишува во соопштението на Хелсиншки комитет.