Македонија Хашим Тачи: Скопје и Атина да го преземат моделот на Белград и...

Хашим Тачи: Скопје и Атина да го преземат моделот на Белград и на Приштина

Косовскиот министер за надворешни работи, Хашим Тачи, кој денеска во Скопје се сретна со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, рече дека Скопје и Атина би можеле да го искористат моделот и напорите кои Приштина и Белград ги прават за надминување на меѓусебните спорови.

– Косово се залага за еден стабилен и мирен регион, со јасна европска перспектива. Македонија беше една од првите земји што го призна Косово и ние сме благодарни за тоа. Целта на Косово е зачленување во НАТО и во ЕУ и токму поради тоа Косово дава поддршка на македонските евроатлански интеграции, а даваме и поддршка на изнаоѓање решение на спорот меѓу Македонија и Грција. Како модел за ова може да служат и напорите што ги прават Приштина и Белград, а за постигнување таков договор, едноставно, треба старите спорови да се остават во минатото и да се гледа кон иднината – изјави Тачи.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, порача дека Македонија и Косово имаат одлични билатерални односи и дека двете страни во моментов работат на повеќе заеднички проекти.