Македонија Група граѓани ги блокираа приодите кон Уставниот суд

Група граѓани ги блокираа приодите кон Уставниот суд

Неколку стотици граѓани попладнево се собираа пред Уставниот суд за, како што велат, одбрана на институциите на Република Македонија.

На протестот има претежно млади луѓе и пензионери, кои тврдат дека доброволно и самоиницијативно дошле да го бранат уставниот поредок на државата.

Пред насобраните граѓани се обрати и претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој ги повика граѓаните уште помасовно да дојдат на централниот протест што ќе почне во 17 часот пред Уставниот суд на Република Македонија.

Сите приоди кон Уставниот суд се затворени со големи шатори во кои се служи чај и кафе.

За денеска во 18 часот, пак, закажан е протест против партиската вмешаност на Уставниот суд и од граѓанската организација „Ајде“, кој ќе го поддржат и опозициските партии.

Предвидено е протестот да почне пред Влада, да продолжи кон Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов во центарот на Скопје, а потоа кон Собранието и да заврши пред Уставниот суд. Се очекува дел од граѓаните да останат цела вечер пред судот.