Македонија Груевски во работна посета на Лондон

Груевски во работна посета на Лондон

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска заедно со партиска делегација, во чиј состав се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Владимир Ѓорчев, како и членот на извршниот комитет на партијата, Никола Попоски, ја почна својата посета на Лондон, Велика Британија, во рамките на која ќе се остварат повеќе средби со политичари и со влијателни личности од јавниот и општествен живот, соопштија од партијата.

Груевски и партиската делегација оствариле средба со раководниот тим на една од највлијателните бриселски невладини организации, со седиште во Лондон, Велика Британија, со Чарли Грант, директор на Центарот за европски реформи, како и со извршниот директор на центарот, Иан Бонд.

На средбата се разговарало за повеќе прашања поврзани со актуелните случувања во Македонија и во регионот, при што, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Груевски ги афирмирал ставовите за стратешките интереси на Македонија поврзани со интеграциите во НАТО, ставањето крај на политичката криза, како и справувањето со мигрантската криза.

– По посетата на САД и на Германија, по наша иницијатива дојдовме во посета на Лондон да се сретнеме со повеќе луѓе од политичкиот живот, дипломати, креатори на јавното мислење, за да разговараме за Македонија, за предизвиците, проблемите и за стратешките ориентации и она што е значајно за нас да пренесеме прецизни информации околу случувањата и околу плановите понатаму. Следуваат избори и по изборите следува нова влада, така што ова е добра можност да се зборува за минатото, но уште повеќе за иднината на државата – рече Груевски по средбата.

Грант рече дека не гледа причина поради која Македонија не би влегла во Северноатлантската алијанса.

– Верувам дека Македонија ќе стане членка на НАТО што побргу, на НАТО му требаат повеќе земји внатре во организацијата, меѓу другото и за да се зајакне сигурноста  и безбедноста во меѓународни рамки. Не гледам причина Македонија да не стане членка на НАТО што побргу – рече Грант.

Тој се осврна и на справувањето со мигрантската криза, при што истакна дека Македонија одигра клучна улога со справувањето на овој глобален предизвик.

– Европската Унија и британската влада многу ја почитуваат улогата што Македонија ја имаше справувајќи се со бегалците на Балканот, а кои транзитираа и доаѓаа од Турција и од Грција и преку балканските држави кон Северна Европа. Македонија имаше конструктивна улога и сите го препознаа тоа – посочи Грант.