Дописници Груевски во Охрид отвори нов кружен тек

Груевски во Охрид отвори нов кружен тек

Претседателот на Владата, Никола Груевски, денешниот ден го помина во работна посета на општините Дебрца и Охрид. Премиерот, со пригодна свеченост, го предаде во употреба новоизградениот кружен тек на крстосницата на булеварот Туристичка со улицата Бистрица, во Охрид.

– Со овој кружен тек, Охрид добива уште едно сообраќајно решение што со својот изглед и со функционалноста е карактеристика за модерен и голем град. Покрај олеснувањето на самата сообраќајна комуникација во градот, Охрид добива и естетски, функционалност и безбедност – рече Груевски.

Тој ги наведе и реализираните проекти со Општина Охрид за подобрување на образовниот процес со реконструкција на основните училишта „Кочо Рацин“, „Живко Чинго“, „Братство и единство“, подрачното училиште „Ванчо Николески“ во Ливоишта, градинките во Лескоец, Велгошти, во населбата Радојца Новичиќ.

Премиерот најави почеток на реконструкција на сообраќајницата во Лескоец, нов кружен тек на пресекот на булеварот Туристичка со улицата Македонски просветители, изградба на депонијата „Буково“, како и набавка на пет нови комунални возила за потребите на градот.

Наскоро ќе почне и изградбата на најсовремената плажа кај Лагадин, затворениот пливачки базен, како и пешачката патека до Канео.