Македонија Груевски: Никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чувствува виновен и не посакува да...

Груевски: Никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чувствува виновен и не посакува да има прекин на постапките

„Уште еднаш сакам силно да се оградиме од оваа одлука на претседателот. Таа не е во согласност со нашите заложби и му помага на СДСМ. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека тој што направил криминал треба да одговара за тоа. Никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чувствува виновен и не посакува да има прекин на постапките“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Не се сомневаме во неговите добри намери, ниту во законитоста и во уставноста на одлуката. Сакаме да укажеме на следното: и покрај непрофесионалното однесување на СЈО и заземањето страна во случајот, директно ставајќи се на страна на СДСМ, убедени сме дека низ правна постапка ќе се покажеше вистината и фактот дека кривичните пријави против наши функционери и отворени истраги се дел од кампањата на СДСМ. Народот го има препознаено сето ова, на мнозинството граѓани му е совршено јасно што се случува во земјава. Жалиме што ова значи ослободување од гонење на Зоран Заев и на Зоран Верушевски и на други нивни соработници. Тие во туѓ интерес им нанесоа штета на државата и на народот и требаше да одговараат – истакна Груевски.

Тој додаде дека против Зоран Заев има легално прибавени цврсти докази за „Поткуп“, поради што тој ги избегнуваше рочиштата и бегаше од судот. Јасно е, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, што правел Заев.

– Интересот на СДСМ е во земјава да има анархија, да има безредие и хаос, но тоа не е интерес на македонските граѓани и на ВМРО-ДПМНЕ. Нашиот заеднички интерес е земјата да оди напред, демократијата да функционира, одлуките на слободни и фер избори да ги носат граѓаните на Република Македонија – рече Груевски.