Македонија Груевски им го честита 11 Октомври на граѓаните на Македонија и на...

Груевски им го честита 11 Октомври на граѓаните на Македонија и на дијаспората

Премиерот Никола Груевски им го честита на граѓаните на Македонија и на македонската дијаспора 11 Октомври – Денот на народното востание.

– Памтењето и празнувањето на ваквите денови служи како потсетник на моментите од историјата во кои кога е најтешко, но и најпотребно, нашиот народ демонстрира неизмерна храброст и истрајност. Подигнувајќи се против далеку поброен, подобро опремен и посилен противник, борците од Народноослободителната војна пожртвувано и несебично решаваат и по цена на своите животи да му застанат на патот на злото – вели Груевски.

Премиерот истакна дека нивната битка е и порака до нашата и до сите идни генерации.

– Љубовта кон татковината и чувството на одговорност кое произлегува од можноста да се направи нешто со што би се спречило страдањето на многу луѓе е чекор кој ја заслужува нашата огромна почит. Одзивајќи се на повикот на слободата тие ги изгазиле последните неколку чекори од патот до конечното формирање на македонската држава и триумф над фашизмот. Ваквата одлучност да се застане во одбрана на човештвото, хуманоста и правдата се извор на нашата гордост и почитување – рече Груевски, додавајќи дека мисија денес е да се издигне Македонија кон нови успеси и да ја донесеме до нови победи.