Македонија Во Скопје шестпати позагадено од дозволеното

Во Скопје шестпати позагадено од дозволеното

Загадувањето во Скопје измерено во 16 часот изнесуваше  280,71 микрограми на еден кубен метар, што е за речиси шестпати повеќе од дозвелените 50 микрограми.

Моментално, според податоците од страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, стои дека многу високо ниво на ПМ10-честичките е забележано во скопските населби Гази Баба, Карпош, Лисиче и на мерната единица Ректорат, како и во oпштините Тетово, Кичево, Велес, Кавадарци. Во Кочани, Милaдиновци и во општина Центар загадувањето е на високо ниво, а во Битола е на средно ниво. Висока концетрација на канцерогените ПМ10-честички е забележана и во изминатите три дена.

Вообичаено, концетрацијата на ПМ10-честички постигнува максимално ниво во вечерните часови, од 22 часот до 1 часот по полноќ.

Ако останат овие вредности уште еден ден, Град Скопје треба да издаде предупредување, а ако загадувањето продолжи и во наредните пет дена, тогаш од Град Скопје треба да ги прскаат улиците со калциум-магнезум ацетат. Јавното сообраќајно претпријатие треба да воведе бесплатен јавен превоз, а Министерството за внатрешни работи да воведе возење на автомобилите во системот пар – непар.