Македонија Граѓанското движење „Протестирам“ денеска во 18 часот ќе им оддаде почит на...

Граѓанското движење „Протестирам“ денеска во 18 часот ќе им оддаде почит на загинатите полицајци

Граѓанското движење за правда и мир „Протестирам“ денеска повторно ќе излезе на мирен протест, со кој ќе изрази сочувство за припадниците на полицијата што загинаа во Куманово. Протестот ќе се одржи пред Влада, во 18 часот.

Од движењето порачуваат дека најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре! Како што велат, не чувствуваат страв, туку само гадење од авторитарната власт и од мрачните сценарија.

Активистите бараат итна оставка, но и одговорност од цела Влада и ослободување на сите активисти што се притворени од 5 мај наваму.

„На 11 мај 2015 година, на вториот ден на жалост поради настраданите во Куманово, во 18 часот, ние ќе се упатиме кон зградата на Владата на Македонија со порака за мир и за правда. Ќе изразиме сочувство за загинатите и ќе ги повториме нашите барања. На улица ќе бидеме секој ден, до конечна победа. Нашиот гнев и револт тлеат и се таложат со години наназад. Континуирано се бориме за достоинствен живот и за работнички права и протестираме против грабежот, сиромаштијата и понижувањето на народот! На 5 мај 2015 година стана јасно: тие нема да си дадат оставки, обвинителството нема да ги гони, а јавниот сервис секогаш се става на нивна страна. Пред три дена, кога граѓанските протести зедоа замав и се проширија низ повеќе градови во државата, во Куманово се случи вооружен инцидент“, пишува во соопштението на движењето.

Активистите порачуваат дека се побројни, посплотени и посолидарни од кога било претходно. Тие ги повикуваат сите граѓани да им се приклучат во заедничко надетничко, натпартиско, автентично граѓанско движење за правда и за мир.

Активистите во ова движење се истите оние кои протестираа против полициската бруталност, но со изменето име поради целокупната ситуација во Македонија и загинатите полицјаци.