Македонија Голем помор на риби во езерото Мантово

Голем помор на риби во езерото Мантово

Голем помор на риби деновиве се случил во езерото Мантово, а, како што информираат од риболовното друштво „Крап“ од Радовиш, досега никој од надлежените институции не дошол на езерото да види што се случува и да земе примероци од водата.

„Излеговме на терен и видовме илјадници килограми риби изумрени на површината на водата и на брегот, кои поради високата температура веќе почнуваат да се распаѓаат. Ова е една од најголемите еколошки катастрофи што се има случено на ова наше езеро, на која досега никој нема реагирано од надлежните институции, овластените лица и од правните субјекти“, се вели во соопштението на риболовното друштво.

Од друштвото информираат дека за случајот ги известиле концесионерот кој стопанисува со рибниот фонд, надлежниот инспекторат, полицијата и другите институции.

„Нашите риболовци кои го посетуваат тој терен ни кажуваат дека ова се случува во последните три дена и дека никој го нема посетено Мантово да земе примероци и да ја утврди состојбата, како и причината за угинување на рибите. Апелираме веднаш да бидат преземени соодветни мерки за да се утврди причината за поморот на рибите и да се најде сторителот на овој грозоморен чин“, стои во соопштението на радовишкото риболовно друштво.