Подглавна секција Германската министерка во Западна Африка предупреди на влијанието на Русија

Германската министерка во Западна Африка предупреди на влијанието на Русија

Терористичките групи кои се шират и растечкото руско влијание во регионот имаат потенцијал дополнително да го дестабилизираат целиот регион во соседството на Европа, рече министерката

Фото: Hannes P Albert/dpa

Германската министерка за развој Свења Шулц пред нејзиното патување во Западна Африка предупреди на исламистичкиот тероризам и руското влијание во тој регион.

„Терористичките групи кои се шират и растечкото руско влијание во регионот имаат потенцијал дополнително да го дестабилизираат целиот регион во соседството на Европа“, рече министерката, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Таа одржа политички разговори во Буркина Фасо, во првата посета на европски министер откако Ибрахим Траоре ја презеде власта по воениот удар во 2022 година.

„На ова патување сакам да отворам канали за разговори, да ги слушам и да се залагам за нашите ставови“, рече Шулц.

Во Буркина Фасо, таа исто така ќе разгледува како напредуваат проектите кои им помагаат на образовните институции и медиумите да се борат против дезинформациите.

Шулц ќе го посети соседниот Бенин, на кој му се закануваат конфликти од Буркина Фасо.

Буркина Фасо, континентална земја во регионот Сахел со околу 23 милиони жители, со години е на удар на исламистички терористички групи кои се повеќе се приближуваат кон главниот град Уагадугу.

Буркина Фасо, како и нејзините соседи Мали и Нигер, кои исто така се управувани од војската по државните удари, се приближуваат кон Русија. Сите три земји се оддалечија од поранешната колонијална сила Франција, која претходно го поддржуваше регионот во борбата против тероризмот.