Економија Гасот стигна на еден километар од Штип

Гасот стигна на еден километар од Штип

На еден километар од Штип, на местото каде што се дели гасоводот од Клечовце кон градот, градоначалникот Илчо Захариев и новиот координатор на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, Дејан Ивановски, го објавија доаѓањето на гасот до селото Сушево.

Тоа што најевтиниот енергент е на километар од Штип, не значи дека граѓаните наскоро ќе се греат или ќе готват на гас. Во прво време, според најавата, гас ќе добијат стопанството и општинските институции, како училиштата и градинките.

– Знаете дека технолошко-индустриската развојна зона се подготвува за гасоводот, индустриската зона „Македонка“ има комплетна мрежа, а што се однесува на другите институции, ние имаме формирано едно претпријатие, кое моментално функционира на хартија – изјави градоначалникот Илчо Захариев.

Владата ќе донесе одлука кој ќе стопанисува со гасоводот, што не е толку важно за штипскиот градоначалник, туку, како што рече „важно е тоа дека ќе има голема заштеда и ќе има енергија во секое време“.

Коориднаторот Ивановски најави дека од Штип, гасоводот продолжува преку Кавадарци и Прилеп кон Битола.

Сепак, ниту Ивановски ниту Захариев не соопштија до кога граѓаните на Штип ќе го очекуваат гасот во своите домови. Извесно е дека ќе се гради прво примарната мрежа, а потоа секундарната до секој дом, за што се размислува за јавно-приватно партнерство на Општината со заинтересирана компанија.