Македонија Фондот нема да го покрие лекувањето на Тамара Димовска

Фондот нема да го покрие лекувањето на Тамара Димовска

Шест неделниот третман за исправување истегнување и корекција на пршлените во Хрватска чини триесет илјади евра додека Турција или Америка повеќе од 100 илјади

Фондот за здравство нема да ги покрие трошоците за лекување во странство на малата Тамара Димовска од Велес, на која ѝ се заканува траен инвалидитет, јави „Телма“. Тамара имала метална шипка која ѝ била прикачена за ’рбетот и ја одржувала исправена, но таа станала прекуса за нејзината висина и само ѝ правела дополнителни проблеми, па затоа, пред една година, доктор од Хрватска ја отстранил шипката. Таа веќе е за 50 сантиметри пониска од нормалното, внатрешните органи ѝ се натиснати, а најголема е опасноста кај срцето и кај белите дробови.

Димовски побарале Фондот за здравство да ги покрие трошоците за лекување во странство, но биле одбиени со образложение дека може да се оперира во земјава, на Ургентниот центар. Родителите, пак, тврдат дека ниту еден доктор со кој контактирале не се нафатил оти освен стручност, потребна е апаратура, која ја нема во земјава. Тројца раководители на одделенија од Клинички центар веќе се потпишале дека операција тука не може да се изведе.

Фондот ги покрил трошоците за првата операција, но сега не одобрува пари за продолжување на лекувањето во странство. Родителите молат уште еднаш да се разгледа нивниот случај и државата да помогне Тамара да не остане инвалид. Велат нивната борба ќе трае сè додека не престане растењето на девојчето.

Шестнеделниот третман за исправување, истегнување и за корекција на пршлените во Хрватска чини 30.000 евра, додека во Турција или во Америка – повеќе од 100.000 евра.