Главна секција Филипче: Родителите на децата што одат во училиште или во градинка да...

Филипче: Родителите на децата што одат во училиште или во градинка да се вакцинираат

Фото: Мета.мк

Родителите на децата што одат на училиште или во градинка да се вакцинираат зашто само така ќе го заштитат своето семејство, но и колективното здравје, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој беше на пунктот за вакцинација во малата сала во „Борис Трајковски“, каде што граѓаните без термин можат да се вакцинираат. Филипче повторно повика на масовна имунизација.

– Вакцинацијата е единствениот нaчин да се смени сликата за пандемијата. Сите пандемии и епидемии, историски гледано наназад во светот завршиле исклучиво со вакцинација, а не со прележување на болеста. Според последната направена анализа на ИЈЗ, дури две третини од позитивните граѓани во државата се заразени со делта варијантата. Вакцинацијата е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата, да се заштити семејството и колективното здравје – рече тој.

Како што информираше, се разгледуваат светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзи тестови кај децата.

– Засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но експертите разгледуваат. Може да донесеме и други препораки согласно тоа како се одвива сликата со пандемијата. Лицата кои имаат медицински оправдани причини и не можат да се вакцинираат, ќе добијат потврди, а тоа е административна процедура. Се работи за лица кои имаат автоимуни болести и засега нема бројка за нив, но сигурен сум дека не е нешто што може сериозно да влијае на колективниот имунитет – рече тој.