Македонија Филипче: Подготвена е инфраструктурата за чување и дистрибуција на вакцината против ковид-19

Филипче: Подготвена е инфраструктурата за чување и дистрибуција на вакцината против ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче денеска посети дел од економските оператори кај кои ќе се чува вакцината за ковид-19, информираат од Министерство за здравство.

„Станува збор за дистрибутери кои веќе работат на оваа поле односно вклучени се во постојаниот систем на вакцинација, во делот што се однесува на складирање и дистрибуција на други вакцини. Министерот со дел од стручните тимови на дистрибутерите направи обиколка на ладните соби, и фрижидерите во кои веќе се чуваат вакцини од имунолошкиот календар на Министерството за здравство и со нив разговараше како и на кој начин ќе се чува и дистрибуира вакцината за ковид-19, кога ќе пристигне во нашата земја,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека операторите во своите постоечки капацитети имаат комори и ладни соби од 0 до 8 степени целзиусови, како и фрижидери до -20 степени целзиусови, како и возила со ладилници како би го запазиле „ладниот синџир“ при дистрбуција на вакцините.

Дополнително Министерството за здравство операторите ќе ги снабди со фрижидери до – 70 степени целзиусови кои во земјава ќе пристигнат кон средината на јануари.