Ctrl - Z Филипа Сара Попова е добитничка на поетската награда „Млада Струга“ за 2024...

Филипа Сара Попова е добитничка на поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година

Според директорот на Струшките вечери на поезијата Тодорче Тасевски со возобнувањето на наградата „Млада Струга“ од оваа година, младите поети добиваат уште една можност

Фото: Струшки вечери на поезијата, Млада Струга

Струшките вечери на поезијата го објавија добитникот на поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година. Свечениот настан се одржа на 8 јули во 11:30 ч. во просториите на Јуроп Хаус Струга.

За наградата одлучуваше жири комисија во состав: Славе Ѓорѓо Димоски, претседател, и Виолета Танчева-Златева и Андреј Ал-Асади – членови Претседателот на жири комисијата. Истакнатиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, во образложението на Одлуката за доделување на наградата истакна:

„Станува збор за извонредно надарена поетеса, полна со луцидни рефлексии и сензации за животот, времето и светот обликувани спрема потребата во потрага за смисла, но притоа самата е свесна дека и поетскиот говор сам по себе е потрага (по смисла). Ритамот на нејзиниот поетски говор одговара на ритамот на животот: отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време. Филипа Сара Попова не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон времето што го живееме. Време омеѓено, полно со граници и пречки за слободно растење и извишување. Но, во тој „свет што се раѓа и распаѓа“ секој човек е еден мал свет, еден терариум во кој буи животот наспроти границата на стаклениот свод.“

Филипа Сара Попова е добитничка на наградата за нејзината необјавена поетска стихозбирка „Скршен терариум“.

Според директорот на Струшките вечери на поезијата Тодорче Тасевски со возобнувањето на наградата „Млада Струга“ од оваа година, младите поети добиваат уште една можност.

Како што додава тој, наградата се доделува за необјавена поетска стихозбирка од млад автор дебитант, кој покрај паричниот износ, ја добива можноста стихозбирката да биде објавена во рамки на изданијата на Фестивалот, но исто така и можноста за учество и негова промоција на Струшките вечери на поезијата.

„Особено ми е драго што оваа иницијатива беше препознаена и поддржана од Делегацијата на Европската Унија, која што преку Јуроп Хаус Струга, најмладата членка на мрежата на Јуроп Хаус се покровители, како на наградата „Млада Струга“, така и на наградата „Енхалон“. Ова е уште една потврда за тоа дека се поддржува креативноста на младите поети кои го збогатуваат европскиот културен мозаик, но се поддржуваат и Струшките вечери на поезијата како светски признат и познат Фестивал“, вели Тасевски.

Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за 2024 година беше распишан на 9 мај и беше отворен до 14 јуни.