Свет Балкан Ердоган: Турција нема да возрати на руските санкции

Ердоган: Турција нема да возрати на руските санкции

Турција нема да одговори на „емоционалните реакции“ на Русија по соборувањето на рускиот воен авион и нема да преземе мерки против руските државјани или руските интереси, рече денеска турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

– Имаме умерен однос кон емоционалното дејствување на Русија – рече Ердоган, додавајќи дека не доаѓа предвид да се протеруваат руските граѓани од Турција.

Москва одлучи повторно да воведе визи за турските граѓани од 1 јануари и ги повика своите граѓани да не патуваат во Турција, а воведи е економски санкции со кои се забранува увоз на храна од оваа земја и се укинуваат чартер-летовите меѓу двете земји.

Ердоган го осуди економските санкции што Русија ги воведе кон Турција.

– Русија е наш стратегиски партнер… но, гледате што прават, ги санкционираат нашите бизнисмени – рече Ердоган, додавајќи дека Турција нема да го користи истиот јазик.

Турскиот претседател, исто така, рече дека неговата земја е подготвена да се лиши од рускиот гас, кој е главен извор на енергија на земјата.

– И претходно сме живееле без природен гас. Овој народ е навикнат на откажувања – рече Ердоган.

Односите меѓу Турција и Русија се значително влошени откако на 24 ноември турските сили соборија руски бомбардер на границата со Сирија.

Русија потоа воведе серија економски санкции за Турција, а официјална Анкара одби да се извини за инцидентот во кој загина едниот од пилотите, додека другиот беше спасен од сириските сили.