Македонија Едвард Кукан до ВМРО-ДПМНЕ: Почитувајте ги основните демократски начела

Едвард Кукан до ВМРО-ДПМНЕ: Почитувајте ги основните демократски начела

Членот на групата на Европската народна партија(ЕНП) во Европскиот парламент, Едвард Кукан, денеска преку соопштение изрази загриженост за политичката криза во Македонија, по случајот „Пуч“, и ја повика својата сестринска партија, ВМРО-ДПМНЕ, да ги почитува основните демократски начела.

Во кусото соопштение, Кукан пишува дека „тензичните односи помеѓу владејачката партија и опозицијата дополнително се влошија“ откако Зоран Заев беше обвинет за шпионажа.

„Итно ги повикувам нашите партнери во Македонија да ги почитуваат основните демократски начела како што се поделбата меѓу државата и партија и независноста на судството, кое треба да се занимава со политички чувствителна истрага на транспарентен начин“, пишува Кукан.

Ова е првата реакција од член на ЕНП, во која членува и партијата на Никола Груевски.

„Мета“ побара реакција од челниците на партијата, но оттаму ни рекоа дека засега никој не ги информирал за случувањата во Македонија.

Т.М.