Македонија Движењето против осиромашување ги блокираше Илинденска и булеварот Свети Климент Охридски

Движењето против осиромашување ги блокираше Илинденска и булеварот Свети Климент Охридски

Група граѓани од таканареченото Движење против осиромашување денеска, како и во изминатите денови, ги блокираа булеварите Илинден и Свети Климент Охридски кај Владата, изразувајќи го својот револт кон, како што рекоа, глувиот однос на Владата кон граѓаните. Тие бараат Владата да ги прими и да ги исполни нивните барања.

– Бараме откажување од планот на Владата за зголемување на даноците, односно да се намалат даноците и трошоците за придонеси од 27 на 25 проценти и Владата конечно да не биде глува и да се откаже од непродуктивните трошоци и задолжувања, а тие пари да бидат пренаменети за капитални проекти од значење за граѓаните – рекоа од движењето.

Според нив, непродуктивните трошоци, зголемените даноци и придонеси и преголемите задолжувања ќе се одразат директно врз граѓаните и ќе ги направат посиромашни. На новинарско прашање за какви задолжувања станува збор, тие одговорија дека имаат сознанија дека Владата се задолжува за новите вработувања и за, како што рекоа, картиците што ги добиваат за трошење.

Од движењето соопштија дека барале прием во Владата, но дека оттаму немаат одговор, поради што најавија продолжување на блокадите од 15 до 18 часот секој ден, сè додека Владата не одговори на нивните барања.