Македонија Движење за реформи на ДПА: Македонија да стане бинационална држава преку промена...

Движење за реформи на ДПА: Македонија да стане бинационална држава преку промена на Уставот

„Со протестот кој го одржавме во Скопје на 22 април, покажавме дека освен на Македонците, постои и проблем на Албанците, кои сè уште во оваа држава се борат за рамноправност“, истакнаа од Движењето за реформи на ДПА, попладнево на прес-конференција.

Оттаму посочија дека нивните барања се јасни, а тоа е промена, како што рекоа, на режимот кој владее во Македонија и промена на Уставот на државата.

– Преку протестот покажавме дека основниот проблем е системски и дека треба да се промени Уставот на Македонија. За да биде овој систем одржлив подолг период, треба Македонија да стане бинационална држава преку промена на Уставот – изјави Арбен Таравари од Движењето за реформи на ДПА.

Во петокот во Скопје, Сојузот на Албанците составен од две партии, Движењето за реформи на ДПА и Национал-демократска преродба, одржаа протест на кој поддршка му дадоа здруженија на поранешни припадници на ОНА, политички затвореници и протерани Албанци од Македонија.

Учесниците на протестот побараа владеење на правото, департизација на институциите и целосна еднаквост на Македонците и на Албанците.