Македонија Две седници и две комисиски расправи денеска во Собрание

Две седници и две комисиски расправи денеска во Собрание

Собранието на Република Македонија денеска ќе го одржи првото продолжение на 87. седница, на чиј дневен ред се предлог-законот за дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, и предлог-законите за изменување и за дополнување на законите за извршување на санкциите и за јавнообвинителска служба, двата по скратена постапка.

По завршувањето на 87. седница, Собранието ќе го одржи шестото продолжение на 85. седница, со расправа за предлог-законот за дополнување на Законот за одбрана, по скратена постапка, предлог-законите за медицинските сестри и за акушерките и за слободните здравствени зони, за дополнување на законите за градење и за градежно земјиште, за урбано зеленило, сите во прво читање.
Пратениците ќе ги разгледаат и предлог-законите за изменување на Законот за заштита од пушењето, за дополнување на Законот за административни службеници, за изменување и за дополнување на законите за буџетите, за јавен долг, за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и од државна сопственост, сите во прво читање, поднесени од пратеници од опозицијата.
На дневен ред на седницата се и предлог за автентично толкување на член 136, став 1, алинеја 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и четири барања за давање автентично толкување на членови од законите за парнична постапка, за облигационите односи, за персоналниот данок на доход и за работните односи, поднесени од Горан Милевски.

Во Собранието на Република Македонија денеска седница ќе одржат Комисијата за политички систем и за односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на двете комисии се предлог-законите за изменување и за дополнување на законите за извршување на санкциите и за јавнообвинителска служба, двата по скратена постапка, во второ читање.