Македонија ДУИ: Вистинско време да се реши спорот за името е додека Македонија...

ДУИ: Вистинско време да се реши спорот за името е додека Македонија има преодна влада

Посетата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на владините функционери на Атина е приватна и партиска исто колку што беше партиска посетата на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, реагираат од партијата. Оттаму велат дека ова не е прва посета на нивниот лидер и на владини функционери на Атина ниту, пак, е прва средба на Ахмети со министер за надворешни работи на Грција.

„На средбата утре ќе се дискутира единствено за спорот за името и за конкретните идеи. Наредниот период, додека Македонија има преодна влада, е најдобар за да се  направи поместување во спорот за името“, стои во соопштението од ДУИ.

Ахмети, Џафери и Бесими, на средбата со шефот на грчката дипломатија не одат во својство на владини претставници, соопштија завчера за „Мета“ од македонското МНР.

Од МНР велат дека станува збор за партиска средба и оти владиниот коалициски партнер не се координирал со нив во врска со темите за разговорите.

Грчки извори за „Мета“, пак, коментираа дека посетата на Ахмети е по негова иницијатива во рамки на неговите напори да се одржат контактите со меѓународната јавност.

Нашите извори велат дека оваа средба не е некаква порака од грчката влада, ниту нејзина иницијатива и сите клучни работи што требало да бидат кажани биле разговарани со министерот Никола Попоски.