Главна секција Државниот врв го одбележа Денот на победа над фашизмот и Денот на...

Државниот врв го одбележа Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа

Фото: Влада на РСМ

Денот на победата над фашизмот – 9 Мај и Денот на Европа, се одбележа со свеченост во дворот на Владата, почнувајќи со положување венци свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“. Цвеќе покрај учесниците на манифестацијата положи и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија.

Покрај премиерот, на свеченоста пред Владата се обратија и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мери Брнз и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, како и претседателот на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија д-р Никола Стојановски. Претседателот на државата Стево Пендаровски упати свое писмено обраќање по повод големиот празник.

Во својето обраќање премиерот Ковачевски посочи дека ова е ден кога ги чествуваме и се поклонуваме пред големото дело на партизанските единици од Народно-ослободителната војна кои со двете заседанија на АСНОМ ја заокружија вековната борба и стремеж на македонскиот народ за самостојна држава.

„Дело кое денес го славиме како наша заедничка победа со сојузничките сили над фашизмот и со прогресивните народи на Европа и на Соединетите Американски држави“, посочи Ковачевски.

Тој се потсети на духот на борците за слобода од тоа време и порача дека земјава треба да биде дом на слободата за сите граѓани, без исклучок, односно држава за сите.

„Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа“, порача македонскиот премиер.

Тој нагласи дека концептот на ЕУ е заснован на слободата, демократијата и човековите права.

„Европа денес не е само географија. ЕУ не се само институциите во Брисел и Стразбур. Европа и Европската Унија се концепт кој е заснован на заедничките основни верувања и убедувања за слободата, за демократијата и човековите права, за пазарна економија, како и за остварување на фер економски можности врз темелите на солидарноста“, порача Ковачевски.

Во обраќањето на претседателот на државата Стево Пендаровски, се вели дека денеска демократијата е загрозена и задушена со нови крвопролевања.

„Денес гледаме дека победата на слободата, човековите права, демократијата и еднаквоста е загрозена во моментот кога поверувавме дека е целосно извојувана. Токму денес, во екот на новите крвопролевања, треба повеќе од кога било да се потсетиме на поуките од минатото, а 9 мај е еден од оние датуми – темелници на вистинските цивилизациски вредности“, порача шефот на државата.

За Пендаровски, денешниот празник е потсетник на европското обединување на различностите и само со почитување на самоопределувањето, може да се зборува за Европа.

„Денот на Европа, кој ја слави идејата за траен мир и заедништво на континентот, е уште еден потсетник за клучната вредност на патот кон европското обединување на различностите. Само достоинствено, со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа. Победата над фашизмот е и победа за Европа“, порача претседателот.