Главна секција Дневно по една жена во земјава ја губи битката со ракот на...

Дневно по една жена во земјава ја губи битката со ракот на дојка, расте и бројката на дијагностицирани

Минатата година е пикот - дури 356 жени ја загубиле битката со ракот на дојка, покажуваат последните податоци на Институтот за јавно здравје, во време кога е невозможно да се закажат рутински превентивни прегледи во јавните здравствени установи за ехо и мамографија

Фото: Мета.мк

Најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот 2010-2022 година е малигната неоплазма на дојка, се вели во последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Според презентираните податоци по години, забележливо е дека расте и бројот на новозаболени и бројот на смртни случаи, за разлика од минатите години.

Па така, од малигна неоплазма на дојка во 2010 година починале 310 жени, а во годините подоцна просекот се движи околу 280 жени годишно. Бројката на починати се зголемува во 2016 година – 338 смртни случаи, а минатата година е пикот – дури 356 жени ја загубиле битката со ракот на дојка.

Број на починати жени од малигна неоплазма на дојка, 2010 – 2022 година / Фото: ИЈЗ

Според податоците на Институтот за јавно здравје, видно се зголемува и стапката на морталитет од карцином на дојка. Во периодот од 2010 до 2022 година, стапката на морталитет е зголемена за 8,5 проценти.

Во 2010 година таа изнесувала 30 проценти, потоа има пад на стапката на морталитет, за во 2016 година да се искачи на 32,7 проценти, а потоа има тенденција на пораст. Пикот на стапката на морталитет е лани и изнесува 38,5 проценти.

Стапка на морталитет од малигна неоплазма на дојка 2010 – 2022 година / Фото: ИЈЗ

Во исто време, во земјава е невозможно да се закаже термин за мамографија и за ехо на дојка во јавното здравство. Системот Мој Термин покажува дека во наредните три месеци нема ниту еден термин за жените да направат рутински превентивни прегледи. Месец октомври е месец за развој на свесноста за превенција од ракот на дојка, со цел да се стимулираат жените да вршат редовни прегледи, но тоа системски се покажува како невозможно.

Фото: Принтскрин, Мој Термин

Од друга страна, да се закаже ехо и мамографија на дојка во некоја од приватните амбуланти, чини повеќе од 6.000 денари, пари кои не секоја жена може да си дозволи да ги плати.