Македонија Димитров-Пејовиќ: Потребен е заеднички ангажман на патот кон ЕУ

Димитров-Пејовиќ: Потребен е заеднички ангажман на патот кон ЕУ

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска во Скопје, на маргините на регионалната конференција „Градење капацитети и регионална соработка во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан“ се сретна со министерот за европски прашања на Црна Гора, Александар Пејовиќ.

Како што соопштија од македонското Министерството за надворешни работи, фокусот на дискусиите бил ставен врз европската перспектива на двете држави и потребата од заеднички ангажман на патот кон ЕУ.

Министрите се согласиле дека регионот заслужува јасна и дофатлива европска перспектива и притоа изразија подготвеност за забрзување на реформските процеси и заемна поддршка во таа насока. Соговорниците изразиле подготвеност за споделување на научените лекции и експертиза, а исто така констатирале дека позитивниот пристап при размената на искуства, како и реформската ориентираност ќе придонесе кон натамошно динамизирање на интегративните процеси.