Македонија ДИК: ПДП, ЛП, Левица и Коалицијата за промени и правда ги доставија...

ДИК: ПДП, ЛП, Левица и Коалицијата за промени и правда ги доставија листите

До 20 часот вечерва само партиите ПДП, ЛП, Левица и Коалицијата за промени и правда ги доставиле листата на кандидати за пратеници во шесте изборни единици за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, известуваат од Државната изборна комисија.

Рокот за поднесување на кандидатските листи истекува на полноќ, а потоа ДИК ќе ги разгледа и потврди истите во рок од 48 часа од моментот на доставувањето. Ако се констатираат неправилности, учесниците во изборите ќе треба да ги отстранат во период од 48 часа.

Ждрепката за редоследот на листите треба да се одржи на 20 ноември.

На полноќ завршува и јавниот увид во избирачкиот список, пријавувањето на државјаните на Република Македонија за гласање во странство, како и обновувањето на избирачкото право на лицата со спорни записи.