Македонија Џафери – Петерсон: ОБСЕ/ОДИХР ќе го набљудува спроведувањето на референдумот

Џафери – Петерсон: ОБСЕ/ОДИХР ќе го набљудува спроведувањето на референдумот

Претседателот на Собранието, Талат Џафери се сретна со шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за референдумот, амбасадорот Јан Петерсен.

Џафери изразил задоволство што ОБСЕ/ОДИХР одлучиле да испратат Мисија за набљудување на референдумот на 30 септември и оцениле дека следењето на спроведувањето на референдумот од страна на оваа организација е од исклучителна важност за поттикнување на довербата во референдумскиот процес.

„Тој нагласи дека во Македонија високо се цени улогата на ОБСЕ/ОДИХР, а голем дел од препораките од претходните извештаи се вклучени во Изборниот законик. Информираше за улогата на Собранието, како овластен предлагач на референдумот и носител на јавната пропаганда, како и за претстојните собраниски активности во пресрет на референдумот“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието.

Амбасадорот Петерсен нагласил дека ОБСЕ/ОДИХР ќе го набљудува целиот процес на спроведување на референдумот, почнувајќи од јавната пропаганда, нејзиното финансирање и медиумското покривање.

Тој информираше дека тим од 13 експерти, 20 долгорочни набљудувачи и околу 250 краткорочни набљудувачи ќе го следи референдумот и ќе оценува дали истиот се одвива во демократска атмосфера и во целосна согласност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди, како и со националното законодавство.

„Нагласувајќи го искуството на ОБСЕ/ОДИХР, која досега набљудувала 17 изборни процеси и еден референдум во земјава, амбасадорот Петерсен нагласи дека Набљудувачката мисија за референдумот во целост ќе ја зачува својата непристрасност во процесот на набљудување“, се додава во соопштението.