Македонија Дескоска: Вељаноски, констатирај ги оставките!

Дескоска: Вељаноски, констатирај ги оставките!

Ова што се случува во Собранието наликува на пародија. Собранието ќе оценувало дали пратениците од опозицијата, кои се во оставка, се оправдано или неоправдано отсутни!, истакна на денешната прес-конференција Рената Дескоска, членка на ИО на СДСМ.

– Станува збор за трагикомичен обид на собранискиот спикер да го маскира кршењето на Уставот кое тој самиот го стори во период од повеќе од шест месеци, кога оневозможи престанок на нашите мандати. Да потсетиме: опозицијата јасно стави до знаење дека нема да ги легитимира нерегуларните парламентарни избори! Пратениците на опозицијата лично поднесоа писмени оставки, кои собранискиот спикер, според деловникот, беше обврзан да ги констатира на првата наредна седница. Со своите постапки, собранискиот спикер е причинителот на сегашната лакрдија. Со неговото неодговорно однесување, им е нанесена штета на избраните пратеници, чиј мандат не може да престане, нанесена е штета на буџетот и, најважно од сè, погазен е Уставот и владеењето на правото. Собранискиот спикер се однесува како Уставот да не важи за него – рече Дескоска.

Според неа, ситуацијава во која се вовлечени Трајко Вељаноски и владејачкото мнозинство наликува на доцна фаза од човек што пропаднал во жив песок.

– Колку повеќе мрда, толку повеќе тоне. Една злоупотреба раѓа потреба од нова злоупотреба за да ја покрие претходната. Затоа, го повикуваме собранискиот спикер да не си ја отежнува положбата и да не навлегува во нови злоупотреби. Го повикуваме да го направи она што Уставот му го налага: да ги констатира пратеничките оставки. На тој начин ќе си обезбеди една олеснителна околност кога ќе биде повикан на одговорност за злоупотребите што ги има направено – рече Дескоска.