Македонија Десетта ротација на словачки полицајци на македонската јужна граница

Десетта ротација на словачки полицајци на македонската јужна граница

В среда во земјава ќе пристигне десеттата ротација на словачки полицајци, како дел од договорот помеѓу министерствата за внатрешни работи на Македонија и на Словачка за превенција на нелегална миграција, соопштија денеска од Амбасадата на Словачка во земјава.

„Единицата од 15 словачки полицајци ќе спроведува заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, за превенција во областа на јавната безбедност и неовластеното преминување на државната граница. Словачката полициска единица ќе биде распоредена во областа на Дојранско Езеро“, стои во соопштението на словачката амбасада.

Полицајците, како што се додава, ќе бидат опремени со теренски возила, термални камери и со уреди за ноќно гледање. Мандатот на словачката полиција ќе биде 30 дена, со можност за продолжување.

Словачка од март 2016 година, кога беше затворена т.н. балканска мигрантска рута, во земјава испрати вкупно 220 полициски службеници.