Македонија Бојмацлиев: До крајот на месецот ќе има нова пратка обрасци за лични...

Бојмацлиев: До крајот на месецот ќе има нова пратка обрасци за лични документи

Исто така и во јуни доаѓа голема пратка што ќе ги задоволи сите потреби за граѓаните, оние кои се сликале да ги добијат документите, рече дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, додавајќи дека никој никого не саботира во МВР

Фото: Влада на РСМ

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски се сретна со раководството на Секторот за внатрешни работи Куманово, изјави дека се стигнати 20.000 обрасци, а до крајот на месецов ќе стигне дополнителна пратка. Нова пратка обрасци за лични документи на граѓаните се очекува и во јуни.

„Никој никого не саботира во МВР“, рече Бојмацлиев.

„Само ќе кажам дека дента кога се направи примопредавањето меѓу министерот Спасовски и министерот Тошковски, стигнаа 50.000 обрасци, пред некој ден стигаа 20.000, не се работи за никаква саботажа. До крајот на месецов очекуваме поголема пратка. Исто така и во јуни доаѓа голема пратка што ќе ги задоволи сите потреби за граѓаните, оние кои се сликале да ги добијат документите“, додаде тој.

Бојмацлиев информираше дека до овој момент над 1.300.000 граѓани ги смениле патните исправи.

Вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски извести дека МВР добило само дел од нарачаните 400 илјади обрасци за пасоши, односно дека од добавувачот пристигнале само 20 илјади обрасци.

„Ова е само 5 отсто од договореното, ќе мора да се истражи како е дојдено до измена на условите“, изјави Тошковски.