Главна секција Богов сугерира да се оданочува сивата економија, не го коментира прогресивниот данок

Богов сугерира да се оданочува сивата економија, не го коментира прогресивниот данок

Прогресивното оданочување е владина политика и тука Народната банка не може да се меша, но можам да сугерирам да се зафатат со оданочување на сивата економија, одговори Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, на новинарско прашање во врска со прогресивното оданочување на седмата годишна истражувачка конференција во организација на Народна банка која што втор ден се одржува во Охрид.

– Можам да сугерирам дека во земјите од регионот, каде што сивата економија е прилично висока и голем дел од економските активности не се оданочени, има простор јавните финансии да се подобрат преку зафат од оние економии кои сега не плаќаат данок – изјави Богов.

Тој рече дека во поглед на фискалната политика, тоа е владина политика и секоја влада со неа оди на избори пред гласачите.

– Тоа е нивно право и одговорност. Монетарната политика соодветно ќе се прилагоди на секоја фискална политика. Ако фискалната политика е конзервативна тогаш има простор и монетарната политика да биде порелаксирана и обратно. Даночната политика не би ја коментирал – додаде Богов.