Македонија Блокирани улици и полициски возила во Куманово

Блокирани улици и полициски возила во Куманово

Заради настанатата состојба, во Куманово има зголемо полициско присуство, изјави Иво Котевски на прашањето што се случува во овој град.

Тој не сакаше да каже која е таа „настаната состојба“.

Од синоќа кумановските медиуми јавуваат дека во градот е засилена безбедноста и дека се гледаат оклопни полициски возила на улиците околу полициската станица.

За засиленото полициско присуство и за блокираниот приод до полициската станица јавува и порталот „Кумановски муабети“.

Според порталот, бил забранет сообраќајот, но се пропуштале пешаци и вработени во локалните институции и во зградите во тој дел од градот.

Граѓаните на Куманово ноќеска, од кога трае блокадата, биле во паника, а на прашањата до полицајците што се случува, добиле одговор дека станува збор за превентивна мерка.

Од СВР Куманово, како што пренесува порталот, немале коментар зошто се блокирани приодите.

Порталот „Кумановски муабети“ пренесува информација од Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) дека од СВР Куманово им било соопштено дека состојбата со сообраќајот и движењето на луѓето во градот била целосно нормализирана, додека, поради настаните кои се случија, бил подигнат степенот на борбена готовност на полициските сили.