Свет Свет Блатер под истрага на ФБИ поради сомнителни 100 милиони долари

Блатер под истрага на ФБИ поради сомнителни 100 милиони долари

Претседателот во заминување на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Сеп Блатер, се наоѓа под истрага на ФБИ поради учество во корупцискиот скандал тежок 100 милиони долари, јавува „Би-Би-Си“.

Американските власти се сомневаат дека Блатер го затаил случајот во кој компанијата за спортски маркетинг „Ај-Си-Ел“ го платила споменатиот износ на поранешните челници на ФИФА, Жоа Авеланж и Ракардо Тешеира, со цел за возврат да ги добијат маркетиншките и телевизиските права за натпревар одигран во текот на 90-години на минатиот век.

Тешеира бил еден од заговорниците на идејата домаќин на Светското првенство во 2022 година да му се додели на Катар. „Би-Би-Си“ наведува дека доделувањето на организацијата чинело 162 милиони евра.

Блатер за овој случај веќе одговарал пред етичкиот комитет на ФИФА, нагласувајќи дека не е запознаен со таквите малверзации, но ФБИ се сомнева во неговите искази.

Швајцарецот, заедно со првиот човек на УЕФА, Мишел Платини, се наоѓа на 90-дневна суспензија во ФИФА, поради сомнителната исплата од два милиони швајцарски франци.

Блатер поради корупцискиот скандал што ја потресе ФИФА поднесе оставка и најави заминување по вонредните избори закажани за 26 февруари.