Култура Битолчани подготвени за музиката на Галијано и на „Тангарија квартет“

Битолчани подготвени за музиката на Галијано и на „Тангарија квартет“

Ричард Галијано

Ричард Галијано, францускиот виртуоз на хармоника, и светски познатиот „Тангарија квартет“ од Франција се ѕвездите на шестиот по ред „Фестивал на музика од светот“ во Битола. Оваа година фестивалот ќе се одржи од 6 до 8 ноември, во организација на Центарот за култура од Битола. Битолчани ќе уживаат во музиката на Галијано која е компилација од парчиња на Ј.С. Бах, танго, валцер, самба и од салса.

– Годинава сме почестени со најголемиот хармоникаш на светот, добитник на наградата за најдобар композитор на класична музика и со неговиот магичен „Тангарија квартет“ – рече Борче Димитровски, директор на Центарот за култура во Битола.
На втората фестивалска вечер настапуваат битолчани, групата „Фолтин“, и истанбулскиот диџеј со македонски корени Али Дојран, чија забава ќе биде во битолското кафуле „Хаус бар“ на Широк сокак.
– Многу сме среќни и задоволни што сме дел од фестивалот, ќе се претставиме со нашата класична програма, но ќе има и мало изненадување – најави Бранислав Николов, член на „Фолтин“.
Публиката во Битола ќе може да ужива и во музиката на „Јасмина Беличанска квартет“, во кафе-барот „Порта џез“.