Дописници Битолчани гледаат шанса за вработување и во неформалното образование

Битолчани гледаат шанса за вработување и во неформалното образование

Триесет и пет  битолчани на возраст од 18 до 26 години ќе собираат искуства и знаења во првата школа за лидерство и за јавни политики во „Политеа“ – Битола. Младите се надеваат дека на овој начин ќе имаат нови можности во потрага по работа. Дваесет и петгодишната Магдалена Шамбевска има диплома за инженер по информациски  системи, но се надева дека неформалното образование ќе ѝ овозможи нови познанаства и, можеби, шанса да си отвори сопствен бизнис.

– Ваквиот начин на образование треба да биде дел од секојдевното живеење. Тука се стекнуваат нови искуства, нови познанства коишто можат да ни користат. Постои можност за отворање и за вмрежување на нови бизниси – вели Шамбевска.

Една година помладиот Васил Бурлијовски е магистер по фармација, а сепак ќе ја посетува школата надевајќи се дека така полесно ќе си обезбеди егзистенција.

– Невработен сум и покрај фармацијата сакам да ја посетувам оваа школа за лидерство и за јавни политики, верувам дека ќе ми послужи понатаму во животот – вели Бурлијовски.

Преку теорија и практика, учесниците во школата ќе ги продлабочуваат своите знаења за Европска Унија, човековите права во 21 век, маркетингот, особено  интернет-маркетинг, а исто така ќе учат и вештини за јавно говорење и за лобирање.

– Имаме тим на млади ентузијасти со коишто ќе работиме, ќе разговараме за јавни политики и теми што ги засегаат нив, но и пошироката јавност. Овде младите ќе имаат форум за дебата и дискусија, изнаоѓање на алтернативи или решенија за  некои политики – смета Маријан Степановски, еден од предавачите, додавајќи дека оваа школа е прв пример за неформално образование на локално ново.

Школата за лидерство и за јавни политики „Политеа“ ќе се реализира  до април следната година.

А.Б.