Вујошевиќ: Уметноста мора да влијае и бутка во акција, а пандемијата не е изговор за пасивност на театарот

Уметноста мора да едуцира, информира, организира, влијае и бутка во акција, а како е тоа возможно ако самиот уметник е пасивен и се „вади“ на пандемија?, прашува Слаѓана Вујосевиќ | Фото: лична архива

„Разговори за театарот во време на пандемија“ е еден обид да се сублимираат сите состојби на умот и душата на уметникот и професорот во едно кризно време, вели Слаѓана Вујошевиќ, актерката која во текот на пандемијата успеа да реализира преку 30 разговори со своите колеги актери, режисери и професори и заедно со нив да дискутира за актуелната ситуација со ковид-19, која несомнено влијаеше и врз нивните професии.

„По разговорите со моите колеги, можам да заклучам дека повеќето сме воделе слични внатрешни борби, сме се справувале со слични дилеми и сме учеле слични лекции за себе и животот. Од друга страна, сите на некој начин се согласуваме дека оваа пандемија го претвори светот во место без граници, па на секој со добра интернет конекција му беше овозможено неуморно да ги впива сите уметности онлајн. Театрите ги отворија архивите и започнаа со онлајн прикажување на веќе одиграни минати или тековни претстави; музеите ги споделија своите поставки; а вечните трагачи по знаење беа во можност да слушаат бесплатни онлајн курсеви или тренинзи“, истакнува актерката Вујошевиќ.

Како што вели таа, најважно е што овие разговори го отвориле и егзистенционалното прашање, и затоа не случајно во изборот на соговорници инсистирала да има и вработени, но и невработени актери и режисери.

„Комодитетот што го нуди вработувањето во државна институција, е нешто кое мене ми нуди сигурност од минатата година. Но, она што мора да се разграничи е дека оваа привилегија ја наметнува и одговорноста да се припаѓа на конкретен театарски ансанбл, да се создава во театарска институција која ќе расте токму поради вложениот труд на секој од членовите, и само така да се заслужи финансискиот надоместок“, појаснува актерката.

„Во разговорите објавени на истоимениот јутјуб канал, може да се почувствува и поривот за работа на уметникот и професорот, но и сè она што го придушува; се истакнува потребата за творење, но и сите пречки за тоа да се оствари“ потенцира актерката која ги водеше разговорите.

Идејата за „Разговори за театарот во време на пандемија“, како што вели таа, се родила од нејзината желба, но и потребата да се слушне гласот на оние кои се неуморни, безстрашни и во постојана потрага по создавање, оние кои не дозволиле да се заглават во лажната конфорт зона. На разговорите им пристапила еуфорично, без многу искуство, но истовремено со огромна желба за акумулирање на туѓите искуства, стравови, фрустрации, пориви и потреби, опишува актерката.

„Морам да признаам дека јас бев во завидна позиција, јас само ги подготвив прашањата и удобно се сместив во позицијата на  слушател. Тежината им припадна на колегите, ќе мора нив да ги прашате како се чувствуваат кога јавно говорат за тема која сè уште нема поставени рамки, тема која е отворена и постојано се развива. Тие на некој начин преку овие разговори всушност ги поставија темелите на театарот во време на кризни времиња. Затоа сум неизмерно благодарна на нивната подготвеноста да говорат јавно, за сè со што се соочуват, бидејки со тоа се покажува одговорноста и љубовта кон професијата и публиката“, посочува таа.

Вујошевиќ вели дека по овие разговори забележала промена кај себе, која и ја потврдила потребата за заедништво, за разговор за театарот. Таа е на ист став со своите колеги, и децидна е дека недостига повторно обединување и меѓусебно прекорување, но и заедничко учење.

„Ние како театарска заедница се расцепкавме на кланови и се поделивме на групи и почнавме слепо да штитиме идеали во кои оддамна не веруваме. Нам ни треба да излеземе од лажната удобност на вработеноста и платата за да почнеме да се бориме за подобар театар. Нам ни треба заедништво со невработените уметници и изедначување на ентузијазмот со оние кои го немаат “комодитетот“ кој го нудат институциите. Треба да ги отвориме умовите и да акумулираме знаење, постојано, неуморно. Да си ги признаеме недостатоците и да си дозволиме да ги развиеме квалитетите. Само тогаш, ќе имаме право да го впериме прстот во другиот“, сметка Вујошевиќ.

Интернет перформансот, виртуелната претстава, аудио книгите, поетските читања, театарот од балкон, претставите со маски, онлајн часовите, онлајн испитите, онлајн работилниците како и многу други дела и активности кои се случија во екот на пандемијата, укажуваат дека за вистинскиот уметник и професор нема непреминливи пречки и нема празни оправдувања, вели Вујосевиќ

За своето време, во почетокот на пандемијата како демонстратор по предметот сценски говор и техника на глас на Факултетот за драмски уметности – Скопје, воглавно и минал во онлајн часови. Актерката, исто така е дел од Михаил Чехов Европската Асоцијација, со чии членови меѓу кои актери, режисери и професори од светски рамки, секоја втора недела споделувале стравови, фрустрации и идеи за онлајн наставата.

„Во договор со една од членовите, Летициа Скотини, која е актерка, професорка и основач на школата за театар Escuela Del’Actor во Монтевидео – Уругвај, дојдовме до идеја да реализираме театарски работилници по техниката Михаил Чехов токму во екот на пандемијата. Главната цел на овие работилници беше да им овозможиме полесно пребродување на овој период на нашите студенти. Сакавме сите заедно да го истражуваме интернет просторот и да ги срушиме предрасудите за работа во својот дом“ појаснува таа.

Актерката е децидна дека задача на уметниците е секогаш одново да си поставуват нови предизвици.

„Пандемијата ни заврши услуга наметнувајки ни предизвик, кој немора да го измислуваме. Сега останува само да се препуштиме во непознатото. Не смее да бараме оправдувања, туку само решенија! Затоа што уметноста мора да едуцира, информира, организира, влијае и бутка во акција, а како е тоа возможно ако самиот уметник е пасивен и се „вади“ на пандемија?“ заклучува Вујошевиќ.