Економија Банките очекуваат побарувачка за повеќе кредити за станбен простор како и кредити...

Банките очекуваат побарувачка за повеќе кредити за станбен простор како и кредити за мали фирми

Фото: Мета.мк

Банките очекуваат најмногу да се зголеми кредитната поддршка за малите и средни претпријатија, како и кредитирањето за станбен простор, покажуваат резултатите од анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците во 2020 година, спроведена од Народната банка.

Притоа, банките не очекуваат позначителни промени во структурата на изворите на финансирање на нивните активности-односно доминантен извор ќе останат депозитите.

„Според одговорите на групата прашања поврзани со динамиката и квалитетот на кредитите, покрај тоа што се очекува најмногу да се зголеми кредитната поддршка на малите и средни претпријатија и кредитирањето за станбен простор, повеќе од две третини од банките очекуваат зголемување и финансирањето на проекти и на кредитите за деловен простор. Најмногу од банките се изјасниле дека ќе има помал раст на потрошувачките кредити и дека очекуваат влошување на квалитетот на потрошувачките кредити кои се необезбедени“, велат од Народната банка.

Според резултатите од анкетата, банките, генерално за оваа година очекуваат подобрување на профитабилноста, којашто е исто така е значаен извор на капитал и поддршка на кредитната активност.

„Притоа, забележливо е дека е зголемен бројот на банките кои укажуваат на поголемо значење на приходите од провизии поврзани со продажба на полиси за осигурување. Сепак, од резултатите се забележуваат и влошени очекувања на некои од банките поврзани со раст на оперативните трошоци, но и повисоки трошоци за исправка на вредност за нивното кредитно портфолио“, посочуваат од Народната банка.

Гледано низ призмата на одделните ризици во работењето на банките, особено е значајно што според нивните очекувања изразени во анкетата, нивото на изложеност на оперативен ризик е слично како во изминатиот период пред 2020 година, односно дека нема да се зголеми.

„Ваквото очекување се темели и на зајакнатата регулатива донесена од Народната банка во изминатиот период, вклучително и во однос на безбедноста на дигиталниот простор и на податоците, ИТ-инфраструктурата итн“, велат од Народната банка.

Анкетата покажува и дека најголем број од банките сметаат дека е потребна натамошна консолидација на банкарскиот систем, а нивото на конкуренција системот го оценуваат како високо, што секако е продуктивно во насока на натамошно унапредување на нивните производи и услуги.