Македонија Автомобилите произведени пред 2000 година нема да можат да се возат?

Автомобилите произведени пред 2000 година нема да можат да се возат?

Со еуростандард 2 се речиси сите автомобили произведени пред 2000 година

Владата сериозно ја разгледува опцијата како да ја ограничи употребата на возилата кои имаат мотор од стандардот „еуро 2“, јави телевизија „Алсат-М“. Тоа се возила стари околу 20 години, за кои пред четири и пол години беше дозволен увозот, по што во државава влегоа повеќе од 150.000 вакви автомобили.

– Во Владата се разгледуваат сите опции за рестрикција на старите возила и откако ќе се анализираат сите околности, ќе излеземе со конкретна информација за тоа кои ќе бидат насоките за ова прашање – изјави на Нурхан Изеири, министер за животна средина и просторно планирање.

Според „Алсат-М“, една од опциите е воведување обврска за вградување нов катализатор, кој би ја намалил емисијата на штетни гасови на ниво на стандардот „еуро 4“.
Друга опција е евентуално да се даде временски рок до кога ќе може да се регистрираат овие возила, по кој нема да може да се возат. Има уште една опција, а таа е да се ограничи можноста, овие возила да се возат во централните градски подрачја.

Со „еуростандард 2“ се речиси сите автомобили произведени пред 2000 година.
Во Македонија најмногу се вози „фолксваген“ од типот „пасат“ и „голф 4“, како и „мерцедес“ од класата Ц. Сите овие автомобили, кои според проценките се повеќе од една третина од вкупно увезениот возен парк, доколку се изменат регулативите, нема да може да се возат.