Подглавна секција Анонимус ѝ објави кибер-војна на руската влада, турнати сајтовите на рускиот медиум...

Анонимус ѝ објави кибер-војна на руската влада, турнати сајтовите на рускиот медиум „РТ“ и некои институции

Photo by Bermix Studio on Unsplash

Во екот на рускиот напад врз Украина, познатата хакерска група Анонимус ѝ објави кибер-војна на руската влада, а потоа беа турнати повеќе веб-страници на државни медиуми и институции. Меѓу другите беше недостапен сајтот на пропагандниот руски медиум „РТ“, а Анонимус излегоа со порака до медиумите „да не ја кријат вистината од луѓето“.

„Анонимус официјално е во сајбер-војна против руската влада“, напишаа хакерите на Твитер.

Хакерските активисти собрани во колективот Анонимус немаат раководство ниту се знае кои се членовите. Нивното мото е „Ние сме мноштвото“, што значи дека се голем број поединци.

Тие синоќа издадоа и предупредување дека руската армија се подготвува да го ракетира Киев, што неколку часа подоцна и се случи.

И веб-страниците на руската влада, Кремљ, Думата, Министерството за одбрана беа погодени од кибер-напади, при што некои од веб-локациите беа забавени, а други беа отстранети од интернет на подолг период во текот на денот.